Кожув ја забележа втората победа во кошаркарската Супер-лигата откако тимот од Гевгелија вечерва рутински славеше над Куманово со 86-78. Темпото среда – сабота остава се посериозна трага врз актуелниот вицешампион, кој со ограничен ростер и изморени кошаркари не можеше посериозно да му парираат на противникот кој го диктираше ритамот на игра и заслужено стигна до победата.
Избраниците на Марјан Србиновски беа достоен ривал само во првата четвртина, во која во неколку наврати имаа минимална предност, пред Нацевски со поени во самиот финиш да донесе водство на Кожув од 18-17. Домаќините потоа во втората четвртина одиграа беспрекорно во нападот, постигнувајќи 27 поени и обезбедувајќи си двоцифрена предност на паузата (45-35). Кожув во третата четвртина стигна и до најубедливи 18 поени разлика (66-48), но кумановци во финишот се приближија, стигнувајќи со 80-74 на нешто повеќе од една минута до крајот. Мијовиќ погоди кога беше најважно за Кожув, ставајќи печат на победата на овој натпревар, кој заврши со конечни 86-78.
Мијовиќ со 23 и Димчевски со 16 поени беа најефикасни во редовите на Кожув, додека во главна улога кај Куманово беа Пековиќ со 16 и Караколев со 15 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА