Кумановци го освоија Чаир за шестти триумф во сезоната

Куманово стигна до шесттата победа во Првата кошаркарска лига отакако во 10. коло славеше на гостувањето кај Чаир 2030 со 91-95 во драматичен натпревар кој беше решен во последните секунди.

По израмнетиот старт на натпреварот Куманово ги зема работите во свои раце, наметна свое темпо и во нападот и одбраната па ја доби првата четвртина со 15-22. „Сино-белите“ ја одржуваа предноста и до крајот на првото полувреме, но чаирчани успеаја да се вратат во игра и да стигнат до негатива од само еден напад (44-46).

Кумановчани на полувремето ги консолидираа своите редови па ја добија третата четвртина со 15-20 со што во последните десет минути влегоа со позитива од седум поени (59-66), но одново се преслика крајот на вториот дел.

Чаир се врати во игра, ја врати и неизвесноста и покрај тоа што на три и пол секунди пред крајот имаше негатива од 73-82, и истата траеше се до последните секунди на средбата. На 27 секунди пред крајот Чаир стигна до негатива од 91-93, но мирната рака на Волер донесе предност од два напада на Куманово па избраниците на Докузовски стигнаа до нова победа.

Со 34 поени и 8 асистенции Мофит беше лидер на Чаир 2030, додека Куманово го предводеше Радукиќ со дабл-дабл од 26 поени и 10 скокови.

Се вчитува...