Куманово ја продлабочи резултатската криза на Чаир откако тимот на Марин Докузовски неочекувано лесно и убедливо го совлада овој противник со 97-74. Натпреварот за жал го одбележа долгиот прекин поради празнењето на салата, откако домашните фанови мораа да ја напуштат арената поради националистичко навивање. Сепак, тоа не се одрази врз доминацијата на кумановци на теренот, избраниците на Марин Докузовски доминираа од почеток до крај и заслужено славеа со конечните „плус 23“.
Ефикасниот напад беше заштитен знак на кумановци на овој натпревар, особено во првото полувреме во кое домашниот тим постигна дури 57 поени и на одмор замина со убедливи 57-43. Чаир се обиде да се врати, но Куманово имаше одговор за сите оружја на гостинскиот тим, па не само што разликата не се намали, туку дополнитлено се зголеми, надминувајќи ја и границата од 20 поени.
Тадиќ беше вистински лидер на Куманово реализирајќи 30 поени, Радукиќ имаше 17 поени за победничкиот тим, додека најефикасни во таборот на Чаир беа Кели со 25 и Мофит со 17 поени.
Куманово со овој триумф сега е на делба од четвртото до шестото место заедно со Пелистер и со Кожув на едно коло до крајот од регуларниот дел од сезоната, додека Чаир во последното коло ќе се бори да го осигура своето место во плејофот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА