Куманово е многу блиску до пласман во полуфиналето од кошаркарскиот плејоф откако избраниците на Марин Докузовски поведоа со 2-0 во серијата со Кожув, славејќи на денешниот втор дуел со убедливи 90-72. Кумановци демонстрираа целосна кошаркарска надмоќ во однос на противникот, Кожув повторно беше далеку од посакуваниот ритам, па „пулените“ на Докузовски се на чекор до полуфинале, каде најверојатно ќе ги очекуваат пресметки со шампионот МЗТ Скопје.
Денешниот дуел мина во апсолутна доминација на домашниот тим, кој веќе на почетокот од петтата минута стигна до првото двоцифрено водство од 12-2, со поените што ги постигна ветеранот Јанески. Радукиќ ја заврши првата четвртина со поени за 28-16, по што Куманово продолжи да доминира и во вториот период, на одмор заминувајќи со преубедливи 53-31. Победата беше осигурана, па кумановските кошаркари само рутински ја одржаа предноста до конечните „плус 18“, во пресрет на наредниот дуел што ќе го играат на теренот во Гевгелија.
Скок-играта беше клучен фактор на овој меч, ако се знае дека кумановци собраа 46 топки во рекетот наспроти само 24 на гостите од Гевгелија. Радукиќ оствари дабл-дабл од 23 поени и 12 скокови, додека Тадиќ и Луковиќ го завршија мечот со идентични 19 поени и 10 скокови. Најефикасни кај Кожув беа Пилепиќ со 23 и Вилсон со 19 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА