Кошаркарските возбудувања во плејофот продолжуваат денеска, со вториот полуфинален дуел меѓу Куманово и Работнички. Кумановци веќе покажаа дека знаат како да го победат Работнички, што ќе биде само мотив повеќе за избраниците на Александар Петровиќ да го повторат изданието од мечот кога им го нанесоа на „центарци“ првиот пораз сезонава.
Задачата не е нималку лесна, гостите од Скопје се големи фаворити, но Куманово е тим што е способен да го добие секој ривал. „Сино-белите“ низ сезоната имаа триумф и над МЗТ, а забележија и подобар скор во меѓуебните дуели со Блокотехна, доволно податоци дека се ривал што никој не смее да го отпише.
Јасно е, Работнички има повеќе адути, но кумановци сигурно нема да се предадат, туку ќе сторат се за да приредат изненадување против главниот фаворит за титулата.
Агресивната одбрана на Работнички
Марин Докузовски неслучајно го има прекарот „доктор за одбрана“, па одличната дефанзива и сезонава е еден од клучните квалитети во играта на Работнички. Кога ќе се затворат приодите во рекетот задачата за противникот станува исклучително тешко, особено ако се знае и дека Робинсон, Гинјард и Костов сите се исклучително добри дефанзивци „еден на еден“, способни да вршат голем притисок врз надворешните играчи на кумановци.
Шутот за тројка на Куманово
Тренерот Александар Петровиќ по своето доаѓање наметна брза игра на кумановци, во која нападите многу често завршуваат во првите петнаесетина секунди од предвидените 24. „Сино-белите“ во своите редови имаат бројни играчи кои погодуваат од далечина, Стајиќ, Јанески, Ковач, Мекиќ, Караколев… а доколку влезат во посакуваниот ритам набрзина можат да направат и двоцифрена серија (за потсетување, во првите пет минути од првиот меч во Скопје гостите имаа водство од 10-20, но не успеаја да го издржат темпото).
За триумф над одличниот Работнички на Куманово ќе му биде неопходна беспрекорна шутерска вечер.
Маркус Гинјард
Американецот играше фантастично во првиот дел од сезоната, а потоа по Купот на Македонија (каде не настапи во финалето поради повреда) следеше и пад во неговата форма. Сепак, со настапот на првиот полуфинален меч Гинјард потсети на своите најдобри партии. Видно мотивиран и желен за трофеи, американскиот кошаркар повторно делува извонредно, па кумановци ќе имаат тешка задача да го неутрализираат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА