Шкендија го елиминира Вардар и се пласира во четвртфиналето на Купот на Македонија. На реванш мечот во Тетово, Шкендија славеше со 1-0, со голот на Агим Ибраими во 74.минута од натпреварот. Минималниот триумф на возвратниот меч беше повеќе од доволен за актуелниот првак да се пласира меѓу осумте најдобри екипи во националниот Куп, откако првиот меч во Скопје заврши 2-2.
Работнички експлодираше и со 4-0 го совлада Пелистер на стадионот „Борис Трајковски“, пласирајќи се во четвртфиналната рунда. Себастијан Херера од пенал го отвори резултатот, Иван Марковиќ беше стрелец на вториот гол за „романтичарите“, Стефан Јевтоски зголеми на 3-0, а Давид Тошевски од белата точка го постави конечниот епилог.
Брегалница направи пријатно изненадување, одолеа во Ѓорче Петров и одигра без голови, чувајќи ја минималната предност (1-0) од првиот дуел во Штип. Амбициозниот второлигаш се пласираше во четвртфиналето на Купот.
Шкупи ремизираше во Кратово (1-1) против Силекс и поради гол постигнат во гости продолжува понатаму во најмасовното натпреварување. Марин Јурина беше стрелец на голот за Шкупи во 72.минута, откако во првиот дел кратовци во предност ги доведе дарко Додев со прекрасен удар од 30 метри.
Струга Трим Лум го совлада Борец со 1-0 и обезбеди пласман во следната фаза. Во четвртфиналето е и Лабуништа, која и вторпат славеше против Охрид, овојпат со 2-3. Академија Пандев и во Кочани беше убедлив против Осогово и славеше со 1-4.
КУП, 1/8 ФИНАЛЕ – РЕВАНШИ
ШКЕНДИЈА – ВАРДАР 1-0 (2-2)
МАКЕДОНИЈА ЃП – БРЕГАЛНИЦА 0-0 (0-1)
РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР 4-0 (1-1)
СИЛЕКС – ШКУПИ 1-1 (0-0)
ОСОГОВО – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-4 (0-3)
СТРУГА ТРИМ ЛУМ – БОРЕЦ 1-0 (0-0)
ОХРИД – ЛАБУНИШТА 2-3 (0-2)
УТРЕ: РЕНОВА – ТИКВЕШ
Во заграда се резултатите од првите мечеви
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА