Дебитантот во прволигашкото друштво, тимот на Академија Пандев, се наоѓа на чекор до историски успех за клубот, пласман во финалето на Купот на Македонија. Пред себе го има исправен актуелниот освојувач Пелистер, кој со водство од 2-1 ќе допатува на денешниот реванш (16 часот), а се соочува со десеткуван состав поради неодамнешното труење со храна на поголем дел од фудбалерите, непосредно пред неделниот меч со Шкупи, кој беше одложен.
„Пандевци“ не знаат за победа во пролетниот дел од првенството, но посакуваат таа да се случи денеска, за остварување на историски резултат.
„Се подготвуваме нормално, како и за секој натпревар иако ова е полуфинале и има посебна тежина. Имаме мали проблеми со составот бидејќи нема да играат Сашко Пандев, Варелоски и Ганчев поради повреди, а неизвесен е Стоилов кој има настинка. Знаеме дека не очекува тежок натпревар со тим кој исклучително добро игра во дефанзива. Пелистер има поискусен состав од нашиот, а нема проблеми како нашиот во однос на повредени или болни фудбалери. И покрај се, 11 април очекувам да биде празник за фудбалот во Струмица, ден за вистински предизвик и мислам дека конечно ќе одиграме доволно добро и на резултат и ќе се пласираме во финалето што за нашиот млад тим би бил огромен успех”, изјави тренерот на Академија Пандев, Југослав Тренчовски.
Сепак, не е дека Пелистер нема проблеми. Тренерот Марјан Секуловски се уште се соочува со последиците од труењето со храна на неговиот тим. Составот што ќе истрча веројатно дека ќе го диктираат и клупските лекари.
Натпреварот меѓу Академија Пандев и Пелистер се игра денеска од 16 часот на стадионот Кукуш во Турново. Главен судија ќе биде Дејан Неделкоски од Скопје, а ќе му помагаат Гоце Петрески и Никола Караколев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА