Рома беше шокирана во четвртфиналето од Купот на Италија откако тимот на Жозе Мурињо неочекувано загуби на домашен терен од Кремонезе со 1-2, меч на кој „волчицата“ важеше за апсолутен фаворит. Кремонезе можеби е „фенерџија“ во Серија А, но затоа на овој тим одлично му оди во куп-натпреварувањето, откако по елиминацијата на Наполи зеде скалп на уште еден голем фаворит.
Мурињо реши да го изротира стартниот тим, но и со комбинирана постава имаше контрола во првите дваесетина минути. Домаќините не реализираа неколку шанси, а казната стигна кога Десерс од пенал го совлада голманот на римјаните, за водство на Кремонезе од 0-1. Овој погодок целосно ги исфрли од ритам домашните фудбалери, кои до крајот на полувремето се мачеа да создадат посериозна акција пред противничкиот шеснаесетник.
„Специјалниот“ на полувреме реши да ги уфрли Дибала, Смолинг, Матиќ и Желински, но набрзо потоа следеше нов студен туш за португалскиот стратег, откако Челик со автогол ја зголеми негативата на Рома. Иако римскиот клуб имаше доминација до крајот на мечот, избраниците на Мурињо дури во судиското продолжение намалија на 1-2, преку Белоти во 94. минута, премалку за да се избегне сензационален пораз.
Кремонезе за ривал во полуфиналето ќе ја има Фиорентина, тим кој денеска славеше со 1-0 на домашен терен против Торино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА