По едногодишна пауза предизвикана од пандемијата на коронавирсуот, во етерот се враќа Купот на Македонија кој од оваа година ќе го носи името на легендата на македонската кошарка, Благоја Георгиевски – Буштур.
Истиот ќе се одржи од 14. до 16. мај, а првиот четвртфинален пар ќе биде лидерот на табелата Пелистер и осмопласираниот Навико Академија ФМП, меч кој ќе се одигра во петок со почеток од 12 часот. Од таборот на двата тима се едногласни дека во Купот нема фаворити, поготово во една ваква изедначена сезона.
„Прво, големо задоволство е да се учествува во завршницата од Купот на Македонија. Како клуб очекуваме Купот да помине во неизвесна битка како што впрочем е и целото првенство досега, на задоволство на сите љубители на кошарката. Сведоци сме на едно од најизедначените првенства во последните години. Гледачите ќе имаат три дена да уживаат во добри натпревари. Се надевам на фер игра, се надевам на успех, па ќе видиме до недела кој ќе излезе како победник. Им посакувам среќа успех и здравје на сите екипи. Особено здравје бидејќи после Купот не очекуваат натпреварите од плејофот. Сите ќе излеземе како победници ако на крајот сме во иста бројка“, изјави спортскиот директор на Пелистер, Јован Христовски.
Пелистер беше победникот во првите две меѓусебни средби оваа сезона, но како што вели тренерот на „пантерите“, системот на Купот со еден натпревар, дава шанса на сите.
„Пред се, би сакал да ја поздравам идејата Купот да го носи името на нашиот легендарен Буштур и да ги поздравам членовите на неговото семејство тука присутни. Нашата екипа првпат настапува на Купот и тоа за нас е едно големо задоволство. Сигурно дека играме против најголемиот фаворит оваа сезона, единствена екипа која во двата натпревара во регуларниот дел не надигра. Но ова е куп-турнир, каде нема поправен. Секако дека знаеме нивни предности и ако го исконтролираме скокот и ја спречиме нивната транзиција се надевам дека можеме да изненадиме. Ја гледам нашата шанса во системот на купот. Го очекувам тој натпревар, нека победи подобриот“, изјави тренерот на ФМП, Александар Петровиќ.
Составот од Кисела Вода имаше доволно време за подготовка за овој натпревар на кој се се сведува на 40. минути.
„Како што кажа тренерот, Академија ФМП покажа дека може да се надигрува со секоја екипа оваа сезона. Покажавме дека имаме квалитет и дека можеме да се носиме со посериозни екипи. Купот е еден натпревар каде се е можно. Последните две седмици се подготвуваме на нивни некои слабости каде што можеме да се надигруваме. Екипата на Пелистер е со доста широка клупа, со искусни играчи, но можам да гарантирам дека нашата екипа ќе го даде максимумот и ќе пружиме квалитетна кошарка“, додаде Славчо Темелковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА