Купот на Македонија овој викенд се враќа на програмата со четири интересни дуели кои започуваат во петок. Еден од нив ќе биде и натпреварот помеѓу Работниочки и ТФТ кој е закажан за почеток од 14 часот и 30 минути.
Натпреварите помеѓу овие два тима во регуларниот дел од сезоната донесоа големи возбудувања во кои ТФТ прв успеа да го земе „скалпот“ на далеку поискусниот состав, додека Работнички му возврати на „новалијата“ во вториот меч.
„Позади нас е една тешка година, со многу падови и проблеми. Знаеме што значи, каква е болеста. Сите имавме повредени и болни играчи и само ние тренерите знаеме низ што минувавме. Меѓутоа најважно е што полека се придвижуваме кон крајот. На ред е Купот. За Работнички можам да кажам дека во последно време имавме густ распоред со многу натпревари, но сега се обидуваме да ги освежиме играчите и да се подготвиме најдобро што можеме. Работнички е име кое што те обврзува да ги освоиш и Купот и првенството. Знаеме какво натпреварување е Купот, знаеме со каков противник играме. Имаме скор 1-1 во двата последни натпревари. Нашата цел е да го поминеме првиот натпревар, мислите ни се насочени кон тоа, а потоа ќе размислуваме за следниот противник“, изјави тренерот на Работнички, Димитар Мираковски.
„Натпреварот што следува ќе биде интересен настан за публиката. И двете екипи имаме квалитет. Сметам дека победата ќе зависи од мотивот на играчите. Ние сакаме триумф. Гарантираме добра и голема борба. Нека победи подобриот“, додаде капитенот Ефремовски.
Од таборот на ТФТ се надеваат дека одличната сезона можат да ја закитат со трофеј, но за тоа потребно е прво да се помине пречката наречена Работнички.
„Голема чест за нашиот клуб којшто има кратка спортска историја е да биде дел од завршницата од Купот во третата година од своето постоење. Воедно поздрав до КФСМ која во услови на пандемија најде начин сето ова да биде организирано. Видовме како тоа изгледаше претходниот викенд во женската завршница. Во секој случај не очекува спектакл во кој сите ние ќе можеме д уживаме. Противник ни е Работнички, а сите знаеме што значи името во нашата кошарка, пред се брендот што го носи со себе. Од друга страна ние сме екипа којашто можеби со исклучок на двајца играчи сите останати за првпат ќе бидат дел од завршниот турнир. Системот на натпреварување, густиот распоред во кој победникот на Купот треба да победува три дена по ред остава и простор за да може да се надеваме на нешто кое започнува со првиот натпревар. И двете екипи поради одредени повреди на играчите се потпираат на учинокот на тие странските играчи во тимовите, но јас тука ја гледам нашата шанса да тие двајца македонски домашни ирачи бидат клучот и ќе може да се надеваме на некој позитивен исход. Сигурно ќе дадеме се од себе да го претставиме што подобро нашиот клуб“, изјави тренерот Смилковски.
ТФТ имаше доста време да се подготви за четвртфиналниот дуел, а од таборот на „црно-белите“ ја знаат формулата за победа.
„Прва работа, жал ми е што навивачите нема да бидат на трибините. Ние имаме една солидна фан база која не бодреше во Втората лига и малтене не донесе до Првата. Тимот на Работнички нема потреба да се претставува, сите знаеме кои се и што се. Тактички и физички сме подготвени, се подготвувавме за овој дуел со нив подолго време. Двапати ги одмеривме силите во првенството, два слични натпревари. Мислам дека доколку успееме да ги наттрчаме и изолираме нивните двајца најдобри играч Бундовиќ и Питс ќе имаме шанси да се натпреваруваме. Одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, но крајната цел не ни е четвртфинале. Мислам дека имаме капацитет да одиме понатака“, додаде капитенот Едис Нури.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА