Вториот натпревар од четвртфиналето во Купот на Македонија повторно донесе неизвесен натпревар во кој Работнички славеше над ТФТ со 66-62. Составот од Тафтлиџе подобро го започна натпреварот и во поголемиот дел од мечот ја одржуваше стекнатата предност, но Работнички целосно се врати на средбата во последната четвртина, а стигна до победа со поените на Бундовиќ на пет секунди до крајот на мечот.
Одбраната беше во преден план на отварањето на натпреварот, а во скромната прва четвртина ТФТ имаше предност од 9-13. Двата тима го кренаа нивото на игра во продолжението, а „црно-белите“ продолжија да ја диктираат играта и до самото полувреме. Во еден момент стигнаа и до предност од 15-23, но во вистински момент и Работнички влезе во ритам со шутот од далечина. Избраниците на Мираковски постигнаа четири тројки до крајот на првите 20. минути, па ја намалија предноста на еден напад (28-31) на полувремето.
Изедначениот натпревар продолжи и на отварањето на второто полувреме. Работнички брзо влезе во проблеми со лични грешки на високите играчи, а тоа го искористија кошаркарите на ТФТ кои добро се снајдоа во играта во рекетот па постојано ја одржуваа предност. Избраниците на Мираковски се одржуваа во игра благодарение на поените зад линијата 6,75 па на влезот на одлучувката четвртина остана негативата од еден напад (48-50). Работнички ја зацврти одбрана на почетокот на последните десет минути, го затвори рекетот, па „црвено-белите“ и го превземаа водството (55-54). Тајм-аутот на Смилковски вроди плод, ТФТ на момент ги консолидираше своите редови, па следеше игра „кош за кош“ која траеше се до последните 20 секунди од средбата кога при резултат 62-61, во бркотницата на паркетот, Бундовиќ реализираше отворено забивање со што го реши победникот на натпреварот.
Виктор Ефремовски беше првото име во редовите на Работнички со 17 поени и 4 асистенции, Дамир Питс додаде 16 поени и 4 асистенции, додека како двоцифрен натпреварот со 14 поени и 5 скока натпреварот го заврши Мирко Мулалиќ. Амир Смит го предводеше ТФТ со дабл-дабл од 15 поени и 11 скока, Ландриус Хортон додаде 13 поени и 5 скока, додека Лахланд Андерсон броеше до 10 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА