Куп: Шкендија сака реприза од пред три дена, но Ренова има поинакви планови

Шкендија атакува на двојна круна оваа сезона, тоа тимот на Ќатип Османи јасно го нагласи, а денеска (15 часот) ќе мора да го поправи тоа што не успеа да го стори на првиот полуфинален меч од Купот на Македонија, играјќи 1-1 против Ренова. Сега „гипсарите“ имаат мала предност, поради голот постигна на гости (двата меча се играат на Градскиот стадион во Тетово), па фудбалерите на Шкендија ќе мора да бидат многу повнимателни и да одиграат налик на последниот дуел од првенството, кога ја прегазија Ренова со 5-0.

„Имаме одлична атмосфера во тимот, посебно по триумфот од 5-0 против Ренова. Но, мислам дека сега не очекува многу поинаков натпревар, Ренова ќе биде мотивирана да го покаже најдоброто во обидот да избори финале. Но, ние веруваме во нашите квалитети, и доколку го повториме изданието што го имавме в сабота против истиот противник, се надевам дека ќе успееме да ја реализираме нашата цел, повторно да бидеме дел од големото финале во Купот на Македонија“, најавува голманот на Шкендија, Костадин Захов.

Ренова по поразот од 5-0 остана без шефот на стручниот штаб Влатко Костов, кој си поднесе оставка. Сега неговите асистенти, тандемот Агрон Мемеди и Куштрим Абдулаи, ќе се обидат да ги одведат „гипсарите“ во големото финале.

Натпреварот меѓу Ренова и Шкендија ќе се одигра на Градскиот стадион во Тетово, со почеток во 15 часот, а ќе го суди Александар Ставрев од Скопје, со асистентите Марјан Кировски и Дејан Костадинов.

 

Се вчитува...