Вардар не успеа да оствари предност над Шкупи (1-1) по првиот осминафинален натпревар од Купот на Македонија, што се одигра на стадионот во Ѓорче Петров. Избраниците на Чедомир Јаневски не одиграа на посакуваното ниво, а за Шкупи тоа секако е одличен резултат пред реваншот што ќе се игра на Чаир, на 17 декември.
Шкупи во осмата минута стигна до водство со одличниот погодок на Ален Јашароски. Тој се одлучи на удар од 20 метри и ја погоди мрежата на Игор Алексовски.
Фелипе се обиде од слободен удар, потоа и Глигоров со шут од далечина, но тимот од Чаир замина со предност (0-1) на полувремето.
Во вториот дел, Вардар тргна многу поофанзивно, во игра беа внесени Максим Максимов и Ацо Стојков, а Тигран Барсегјан го израмни резултатот во 59.минута. Тој сакаше да испрати центрашут од левата страна, и помалку среќно, го лобуваше Суад Зендели. На крајот, тоа испадна ефектен погодок на ерменскиот интернационалец.
Во 75.минута, Дарко Велковски со удар со глава ја погоди гредата од голот на Шкупи, но Вардар не успеа да обезбеди предност по првите 90 минути.
Во самата заврпница, Кристијан Стојкоски можеше да го шокира Вардар, излезе сам пред Алексовски и го погоди дирекот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА