Охрид лихнидос приреди сензација во четвртфиналето од Купот на Македонија, успевајќи да го елиминира бранителот на трофејот Вардар, и тоа по подобро изведување на пеналите. „Вардарци“ беа блиску до победата, во 90. минута примија гол, па по два промашени удари во пенал-рулетот прерано го завршија настапот во ова натпреварување. За охриѓани секоја чест за храброста и покажаниот карактер, со кои овој клуб за првпат во историјата се избори за полуфинале во Купот на Македонија.
Охриѓани умешно се бранеа во првото полувреме, но Вардар сепак успеа да стигне до водство со гол во вториот дел, дело на Бобан Николов во 59. минута. И кога се очекуваше „вардарци“ рутински да го приведат мечот до крај, охриѓани во 90. минута стигнаа до израмнување, Матески ја искористи заспаноста на домашната одбрана, излезе очи в очи со голманот и ја смести топката во мрежата.
Дуелот заврши без победник, па пенал-рулетот мораше да го одлучи патникот во полуфиналето. Првата серија донесе по едно промашување на двете страни, a пресудна се покажа четвртата серија во која Данев не успеа да го совлада голманот на охриѓани, кои имаа 3-2 во пресрет на последната серија. Дефанзивецот Дарко Илиевски ја презеде одговорноста во петтата серија, го совлада Талески и го елиминираше бранителот на трофејот во куп-натпреварувањето.
Кризата на Работнички се продлабочи откако „романтичарите“ по слабите резултати воПрвата лига беа елиминирани од куп-натпреварувањето, и тоа од второлигашот Шкендија Арачиново со 3-1. Дуелот се играше на стадионот во Куманово, каде Шкендија поведе во првото полувреме преку Десниќ, по што до крајот успеа да стигне и до уште поубедлива победа.
Во третиот четвртфинален дуел утре се среќаваат Детонит Плачковица и Силекс, додека четвртфиналната програма ќе биде заокружена на 18 март, кога силите ќе ги одмерат Струга ТЛ и Шкендија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

