Со нерешениот резултат против Јамајка 0-0, селекцијата на Курасао за првпат се пласираше на едно Светско првенство. Оваа репрезентација заврши како првопласирана во групата, и ќе оди на Мундијалот идната година.
Курасао ја заврши групата без пораз, со три победи и три нерешени средби, и заврши пред Јамајка, Тринидад и Тобако и Бермудските острови.
Приказната околу Курасао е особено интересна. Тоа е мала островска држава, која има површина од само 444 км² и има околу 150.000 жители. Со квалификацијата за Светското првенство, таа стана најмалата земја што учествувала на Светското првенство, но и земјата со најмала популација што успеала да го стори тоа.
Претседателот на фудбалскиот сојуз на оваа земја, Гилберт Мартина не го криеше своето задоволство од пласманот на Мундијалот.
„Ова е проект кој го почнавме во 2004 година, и еве конечно успеавме. Овој успех го посветуваме на сите наши жители. На Светското првенство не е важно со кого ќе играме. Ние веќе го освоивме Светското првенство“, изјави Мартина.
На Мундијалот вторпат во историјата ќе игра и селекцијата на Хаити, која заврши како првопласирана во својата група победувајќи ја селекцијата на Никарагва со 2-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

