Со по две победи, со по шест бода и идентична гол разлика од 8-2, репрезентациите на Англија и на Белгија ќе влезат во меѓусебната пресметка од последното коло во групниот сегмент на светското фудбалско првнество во Русија. Дуелот директно ќе решава за освојувачот на првото место во оваа конкурнеција.
Во пресрет на мечот белгиските репрезентативци кои се дел од англиската Премиер-лига очекувано привлекуваат големо внимание. Голмaнот на Челси, Тибо Куртоа, беше особено отворен во изјавите околу очекувањата за натпреварот.
„Ако сте во триумфален ритам, најдобро е да продолжите да победувате. Не би сакал да се вратам во Англија во јули со чувството на пораз. Сакам да победиме. Мислам дека сите го сакаат истото“ – вели белгискиот голман кој брани за Челси од 2014 година.
Речиси половина од белгиската репрезентација настапува во најсилната англиска фудбалска конкуренција. Дефанзивецот, Јан Фертонген ќе се соочи со првиот стрелец на Мундијалот, Хари Кејн, Деле Али, Киран Трипие, Дени Роуз и со Ерик Даер, сите му се соиграчи од Тотенхем.
„Ќе биде интересно да се видат момците од спротивната страна, тие се мојата екипа, моите соиграчи и пријатели, ќе биде многу забавно“ – вели Фертонген.
Селекторот на Белгија, Роберто Мартинез, веќе најави дека ќе направи „големи промени“ во тимот за пресметката со Англичаните. Многу веројатно Еден Азар и Ромелу Лукаку ќе добијат одмор откако се пожалија на поситни повреди во саботниот триумф над Тунис. Можно е во составот да не бидат и играчите кои имаат картони.
„Имаме неколкумина со жолти картони, а не би сакале да отсуствуваат во нокаут фазата“ – вели Куртоа.
Постои можност, ако дуелот в четврток заврши нерешено, освојувачот на првата позиција да го решаваат токму картоните. Белгија и Англија во осминафиналето вкрстуваат со најдобрите две селекции од конкуренцијата Х во која во пресрет на последното коло, Јапонија и Сенегал имаат по четири бода, Колумбија е со три. Во последното коло, Јапонците ќе се соочат со елиминираната Полска, а Сенегал и Колумбија играат меѓусебе.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА