Куртоа е многу блиску до трансфер во Реал Мадрид

Белгискиот чувар на мрежата Тибо Куртоа е на прагот на трансфер во европскиот клупски првак Реал Мадрид, откриваат медумите во неговата родна земја. Тој сака да замине од „Стемфорд бриџ“ и да се пресели во Шпанија, каде живее и неговото семејство, уште од периодот кога го носеше дресот на Атлетико Мадрид. Раководството на Челси ќе мора да го продаде ова лето, затоа што следниот јуни му истекува договорот и тогаш ќе може да си замине како слободен агент.

„Ако Реал Мадрид ме посакува во своите редови, тогаш треба да разговара со Челси“, одговори кусо Тибо Куртоа на прашањето за евентуалниот трансфер.

Преговорите меѓу Реал Мадрид и Челси се веќе отпочнати, а „кралскиот клуб“ е подготвен да плати околу 40 милиони евра. Тибо Куртоа би добил петгодишен договор и плата од 11 милиони евра по сезона.

Англискиот клуб Челси сака 50 милиони евра отштета за Белгиецот, но медиумите на Островот шпекулираат дека Челси всушност сака да купи само време, додека не успее да пронајде нов чувар на мрежата. По именувањето на Маурицио Сари за нов менаџер, како прва опција се споменува бразилскиот репрезентативец Алисон Бекер, кој е член на Рома.

 

Се вчитува...