ЕКИПА во Хрватска,
Стеван Цаневски
Македонија максимално подготвена ќе го дочека стартот на Мундијалот во Вараждин, а капитенот Филип Кузмановски е оптимист дека „црвено-жолтите“ ќе се покажат во вистинско светло.
Премиерата е исклучително тешка, нашите ракометари утревечер ќе излезат на мегдан со Унгарија, но Кузмановски верува дека Македонија ќе може да одигра квалитетно и со овој ривал.
„Од прв ден се спремаме за Унгарија, уште од контролните натпревари што ги игравме во Србија, затоа што знаете како е, прв натпревар е на СП, тогаш се случуваат и изненадувања. Мотивацијата ни е на високо ниво уште од дуелите со Фарски острови. Си докажавме самите себе дека можеме да играме против големи ривали. Зошто тоа да не го направиме и против Унгарија. Да, тие се фаворити, имаат позвучни играчи, повеќе искуство, ракометари што се носители и во Лигата на шампионите, играат во големи тимови, но зошто да не? Во новата година игравме уште три меча со екипи што наликуваат на Унгарија, Холандија и Гвинеја, пробавме многу работи. Пробавме многу работи за кои веруваме дека ќе ни користат утре против Унгарија. Екипата дише како еден“, истакнува Филип Кузмановски.
Кузмановски ќе ја носи капитенската лента на Македонија на ова СП, но бекот на Е. Пелистер се надева дека голем дел од ракометарите ќе преземат одговорност во Вараждин.
К„ако се вели, екипата на терен ќе извади лидер, посакувам на секој меч да има различен. Сакам да играме како тим, знаеме колку беше тешко да се дојде до овде, поминавме низ најтешкото и сега треба да уживаме во играта. Откако дојдовме во Хрватска, почнавме да чувстрвуваме мундијалски амбиент. Долго сме заедно и едвај чекаме да почне. Имаме желба, спремни сме и треба да покажеме како изгледа Македонија. Досега немавме контакт со македонските навивачи, но јас како еден од поискусните знам како изгледа кога ќе дојдат Македонците, кога ќе дојдат нашите блиски во хотелот, колку тогаш расте мотивацијата. Знаеме колку значи и нас и за нив сето ова, ќе направиме се да оправдаме очекувањата“, вели Филип Кузмановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА