Ракометарите на Пелистер и едни од главните адути на Македонија на престојното Европско првенство 2026, Филип Кузмановски и Никола Митревски, гостувајќи во најновната епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, меѓу бројните теми се осврнаа и на, за нив, еден од најзначајните моменти во кариерата – освоената титула со Пелистер и тоа среде Скопје во СЦ „Јане Сандански“, во моменти кога и беа отпишани од многумина.
Кузмановски и Митревски се осврнаа и на ривалитетот меѓу Пелистер и Вардар кој е секако повеќе од добредојден за растот на македонскиот клупски ракомет, притоа потенцирајќи дека за освоениот трофеј минатата сезона клучна била хемијата меѓу играчите во соблекуалната на битолчани.
„Тоа не краси нас како екипа… Морам да потенцирам затоа што имаме многу здрава соблекувална и многу искусни играчи, играчи за големи натпревари. И кога ќе дојдат тие такви дерби натпревари, навистина сите се фокусирани и сите сакаат да победат. Имаме многу победници во тимот, и тоа не краси сите овие години. Секој од нас посакува да освои титула. Победнички менталитет“ – вели Кузмановски, притоа осврнувајќи се на самиот последен натпревар со Вардар во „Јане Сандански“ кога со триумф се обезбеди титулата.
„Нормално дека не мотивираше Вардар. Знаевме дека ќе биде полна сала. Навистина беше полна салата еден час пред натпревар во „Јане Сандански“. Мислам дека „Јане Сандански“ го немам видено да биди така полн. Каква поддршка им дадоа на Вардар и низ тие 60 минути, нешто неверојатно. Мислам дека ние покажавме карактер после првото полувреме кога губевме со пет разлика. Верувавме до крај, верувавме затоа што не можевме ништо да изгубиме. Сите знаевме и бевме свесни дека со одиме во Лигата на шампионите. Игравме за градот, за клубот и за сите навивачи, за Битола. Тоа е една од најслатките титули досега освоена, воопшто за клубот. Тоа уште многу години ќе се зборува и навистина сме среќни што ние играчите тоа го донесовме за Битола да остане во историјата. Среде „Јане Сандански“ пред полна сала во последен натпревар да освоиме титула“.
Очекувано, дел од вардаровите навивачи замерија за нагласеното славје на Филип Кузмановски по освоениот трофеј, ако се знае дека е и капитен на македонската репрезентација. Меѓутоа факт е дека ривалитетот останува само на терен, а Кузмановски е спортист кој секогаш остава максимум на терен, без разлика дали се работи за клупски или репрезентативен настап.
„Кога ќе ја претставуваш Македонија треба да ја претставуваш во најдобро светло, нормално. Јас на секој натпревар сум двеста посто и сакам во најдобро светло да ја претставам Македонија секогаш… А, клубот тоа што те плаќа, и посебно за мене матичниот клуб за кој играм, секогаш исто така ќе давам максимум. Затоа што сум роден победник, нормално дека сакам да победам. Сè ќе направам и на секого му посакувам таква победа и така да се израдува. Тоа се тие некои емоции. Едноставно си среќен затоа што сите се сведоци во Битола, посебно за мене, низ каков период поминав. Колку беше тешко навистина, психички и физички за мене. Колку успеси, колку падови низ целата сезона, колку проблеми имавме, колку промена на тренери имавме, колку турбулентна сезона и едноставно тоа ти е награда“ – вели Кузмановски и дополнува:
„Последниот натпревар ти победуваш против Вардар и нормално ќе се израдуваш. Не се каам за ништо. Навистина сум среќен. Се израдував за мојата екипа, за моите играчи, за нашите навивачи, за мојата фамилија. Затоа што тие сите посакуваат да ме гледаат среќен. Никакви некои намери немав да испровоцирам или да навредам некого. Напротив, јас се борам за мојот клуб и сакам да бидам секогаш коректен. Знаете дека сите го поднесуваат секогаш тешко поразот и јас би го поднел ако некогаш нешто слично се случи. Нормално ќе се бараат виновници, но во таа ситуација јас бев победникот. Ми дојде од срцето така да се израдувам и се надевам дека никого не повредив. Јас кога ќе играм за Македонија исто ја претставувам во најдобро светло, и јас сакам против секого да победам затоа што сум таков роден победник. Не знам да се штедам затоа што давам двеста посто, сакам да бидам пример и мислам дека со овие изминати години и во иднина ќе покажам уште, и ќе им бидам на што повеќе деца идол“.
Еднакво е размислувањето на Никола Митревски кој открива дека никогаш претходно немал титула со Пелистер, па тоа е и една од причините за враќањето во Битола. А, освоената титула со Пелистер во „Јане Сандански“ кога и со шест интервенции во вториот дел беше и еден од најзаслужните за трофејот, е шлаг на тортата во неговата кариера.
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО НИКОЛА МИТРЕВСКИ И ФИЛИП КУЗМАНОВСКИ МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

