Македонскиот ракометен шампион Е. Пелистер е подготвен за европскиот почеток и првото коло од групниот сегмент на Лигата на шампионите. Утревечер во Битола гостува поранешниот европски првак Загреб.
Kaпитенот на битолчани Филип Кузмановски пред мечот изјави дека се максимално мотивирани пред новата сезона во Лигата на шампионите.
„Среќен сум што ќе го пречкаме Загреб со најдобриот состав. Имавме неколку повредени ракометари кои изостанаа за пријателските натпревари и Суперкупот. Сега сите сме спремни и ќе го пречекаме Загреб. Лигата на шампионите сама по себе е голем мотив и ние ја заслуживме по ланската сезона. Максимално сме мотивирани, знам дека ќе имаме помош од нашите навивачи и очекувам полна сала. Максимално се подготвуваме и го респектираме Загреб. Не треба да зборуваме за историјата на Загреб, мотивирани сме и сакаме со позитивен резултат да ја почнеме Лигата на шампионите. Загреб има искусни ракометари. Со Игор Карачиќ добија многу во нападот. Тој ќе ги спои бековите, искусен е, поминал многу и знае како се игра на Балканот. Сигурно ќе биде мотивиран заради неговото минато со Вардар, клуб со кој ја освои Лигата на шампионите. Сепак, нашиот фокус е на нашата игра, нашата одбрана. Мислам дека сезонава ќе бидеме многу посилни, засилувањата добро се вклопија и изградивме добар систем. Имаме позитивна атмосфера и мислам дека тоа ќе биде клучот за наш успех во среда“, рече Кузмановски.
Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан за утре со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

