Филип Кузмановски со пет гола, заедно со Мартин Серафимов, беа најефикасните за Македонија на средбата со Португалија. Од тоа нема многу корист, затоа што репрезентацијата на крајот мораше да му честита на противникот за победата.
Кузмановски после мечот ги кажа своите импресии од дуелот со Португалците, и смета дека неконцентрацијата на стартот била пресудна за поразот, и покрај тоа што на средината на вториот дел Македонија имаше во еден миг и предност.
„Максимално се подготвувавме, знаевме со кој противник игравме, и пред квалификациите рековме дека ќе се бориме за првото место со нив. Лошо отворивме, не бевме фокусирани на стартот. Мислам дека треба добро да анализираме, и да се поправиме на реваншот. Со играч повеќе мораме да имаме повеќе реализација. Имаме неколку дена за добра анализа, и ќе се бориме во Португалија, зошто да не и да дојдеме до победа. Дадовме максимум за Македонија и секогаш ќе биде така.“, рече Кузмановски.
Тој ја коментираше и улогата на лидер во селекцијата која имаше на вечерашниот меч.
„Секако дека има тежина таа улога, да се биде лидер не е едноставно, треба да бидеш пример за тие млади играчи да даваш максимум. Јас научив многу од постарите кога бев помлад во националниот тим, сега тие треба да учат и заедно да растеме како екипа“, изјави Кузмановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА