Филип Кузмановски отворено проговори за разочарувањето по двата убедливи порази од Норвешка и од Холандија во првите две кола од СП во Краков.
„Искрено не знам што е проблемот, но вака веќе не може. Норвешка е фаворит за медал, гледаме како Холандија сериозно напредува од година во година, а каде сме ние… Доста се задоволуваме само со пласман на големите натпреварувања, ми пречи да доаѓам и да губам по десет разлика на сите натпревари. Репрезентацијата е гордост за сите, мораме да играме така, да се бориме во секој момент за секоја топка. Мора да се игра машки, да се влезе во дуел, ракометот навистина е сменет во последните години откако јас дебитирав, но некои работи не се менуваат, мора да се игра жестоко на физички план, тоа е ракометот“, изјави асот на Хановер.
Тој посочи дека помладите ракометари мора да преземат дел од одговорноста.
„Зборуваме за подмладување, но и не сме премногу млади, оние кои се овде треба да дадат свој придонес, не кога ќе влезат во игра да направиме негатива по која после не можеме да се вратиме. Дел од играчите се од истиот клуб од селекторот и како такви треба добро да се запознаени со она што го бара од нив, не посебно внимание да се посветува на секој од нив. Како што реков, ова е репрезентација, најдоброто од Македонија и мора да се бориме од почеток до крај, далеку повеќе од сето ова што го покажуваме“, истакна Кузмановски.
Тој сепак најавува подобро издание на македонскиот национален тим против Аргентина.
„Сите сакаме да играме, да победуваме со репрезентацијата бидејќи репрезентацијата е светост. Против Аргентина играме да победиме, за нас, за навивачите, за цела Македонија“, порачува Филип Кузмановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА