ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Филип Кузмановски одигра фантастичен натпревар и со десет погодоци го торпедираше голот на Унгарија, но македонскиот капитен децидно порача дека тој меч од првото коло мора што поскоро да го оставиме зад себе, бидејќи веќе денеска нашите ракометари ги очекува нов предизвик – пресметка со селекцијата на Холандија (18 часот).
„Унгарија мораме да ја заборавиме, имавме анализа за да видиме што можеше да се одигра подобро, што треба да поправиме. Пред нас е Холандија, уште еден квалитетен противник. Не треба да заборавиме каков натпревар имавме против нив на последното Светско првенство и со колкава разлика загубивме. Тоа треба да биде предупредување за нас, мора да бидеме максимално фокусирани во враќањето во одбрана бидејќи го имаат Лук Стејнс, знаме како ги организира тие полуконтранапади. Добро ги анализиравме Холанѓаните. Мотивирани сме, си покажавме сами на себе дека можеме да играме против квалитетни репрезентации, самодовербата е на повисоко ниво“, вели Филип Кузмановски пред натпреварот со Холандија.
Она што треба да се повтори во однос на првиот меч е карактерот и борбеноста од првата до последната минута, рецепт што би можел да донесе позитивен резултат и против „лалињата“.
„Горд сум на на момците бидејќи покажаа како се игра за Македонија, сите беа пожртвувани, на теренот делувавме како едно. А со толку голема поддршка од нашите навивачите мислам дека заслужуваме да победиме на крај. Мора да бидеме борбени и агресивни. Повторно ќе го земам за пример мечот со Фарски Острови, надополнивме толку голема негатива, проработе македонскиот инает. Мора да веруваме во себе, да играме на ист начин, тоа ќе ни донесе резултат“, оптимист е македонскиот капитен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

