ЕКИПА во Хернинг,
Стеван Цаневскки
Капитенот Филип Кузмановски и пред почетокот на овој европски шампионат најавуваше дека имаме квалитет и треба само да имаме поголема верба во своите можности.
По ремито со Португалија и неговото одлично издание со 15 постигнати погодоци, Кузмановски не го криеше задоволството од квалитетната игра против моќен ривал.
„Имаме голем број на играчи со богато искуство, што имаат важни улоги во своите клубови, позрели се, подолго време сме сите заедно во репрезентацијата и сето ова доаѓа до израз. Треба да сме среќни, покажуваме квалитет, и тоа не по 10-15 минути, туку како вчера против една Португалија, 60 минути квалитетен ракомет. Ние имаме квалитет, да не застанеме овде, да бидеме уште подобри на секој натпревар, на секое првенство“, истакна Кузмановски.
Тој верува дека Македонија ќе успеа да се надоврзе на ова реми со победа над Романија, со што би останале во игра и за второто место во групата.
„Откако преспавме по Португалија, сите прават математики околу минувањето во следната фаза. Сакам да порачам до моите соиграчи – да веруваат. Наша прва цел е да победиме, а доколку ни се укаже добра шанса, ќе настојуваме да победиме и со поголема разлика. Треба да влеземе со ладни глави, со мирно, 60 минути фокус на нашата игра“, порача капитенот.
Кузмановски ја потенцираше играта во дефанзива како важен фактор со Португалците. Воедно, како вистински капитен тој јасно стави до знаење дека приоритет е колективот и заедничкиот успех.
„Треба да се истакне целата наша дефанзивна партија. Воопшто не беше лесно да се одговори на овој план против Португалија, но ние завршивме одлична работа. Секако, Томовски беше брилијантен во финишот, оние две одбрани во последната минута беа фантастични, штета е што тие две одбиени топки не завршија кај нас. Сепак, така требало да биде, не треба да жалиме премногу, а тоа што не ни беше наклонето со Португалија, нека дојде на наша страна со Романија. Среќен сум за мојата партија синоќа, но би бил уште посреќен ако некој друг биде МВП со Романија, а ние стигнеме до победата. Најважна е Македонија, да одиме напред од натпревар во натпревар“, порачува Филип Кузмановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

