Филип Кузмановски и Вецлар имаа разочарувачки старт на новата сезона во Бундес-лигата, откако во првото коло на домашен терен загубија од Магдебург со убедливи 15-31. На клупата на Вецлар како помошен тренер и сезонава седи Филип Миркуловски, но стручниот штаб и ракометарите на овој клуб не најдоа одговор за извонредната одбрана на Магдебург, која беше клучен фактор на оваа средба.
Уште од самиот старт беше јасно дека Магдебург ќе го контролира резултатот, мечот беше израмнет само до 4-4, по што гостите влегоа во ритам и набрзина поведоа со 5-10. На одмор се замина со водство на европскиот шампион од 8-13, за Магдебург фуриозно да го стартува и второто полувреме и набрзина да стигне и до двоцифрено водство. Вецлар имаше огромни проблеми да го совлада одличниот Портнер кој собра 14 успешни интервенции, a Магдебург го искористи доброто издание на својот голман и со нова мини-серија во самиот финишот стигна до преубедливи конечни „плус 16“.
Филип Кузмановски немаше свој ден и успеа да постигне само еден гол од вкупно три обиди, со две асистенции и три загубени топки зад името на македонскиот репрезентативец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА