Кузмановски: Неверојатна мотивација ми е битолската публика, жалам што не стигнавме до победа

Еурофарм Пелистер претрпе уште еден пораз во Лигата на Шампионите, овој дефинитивно најболен ако се знае дека македонскиот првак загуби од Пик Сегед со минимални 27-28. Битолчани одлично се бореа, но на крајот загубија со гол примен на пет секунди до крајот.

Филип Кузмановски го имаше својот деби настап во дресот на Е. Пелистер, а по мечот вели дека му е многу жал што не успеале да стигнат до победа на овој дуел.

„Бев многу мотивиран да играм пред оваа прекрасна публика. Навистина ми е жал што не стигнавме до победа на овој дуел. Имавме голема шанса за тоа и само пред ваква публика може да се победи вака квалитетен противник. Сегед е врвна и многу искусна екипа со големи имиња во својот ростер, и штета што не успеавме да го изненадиме. Ветувам дека во иднина ќе бидеме многу подобри и заедно со оваа публика ќе се радуваме на многу победи“, рече Кузмановски.

Се вчитува...