Филип Кузмановски ќе си замине од Магдебург на крајот од сезоната, откако германскиот клуб го прифати неговото барање за предвремен раскин на договорот. Македонскиот репрезентативец не ја доби посакуваната минутажа во новиот клуб, што беше главна причина да бара да му биде дозволено да си замине, иако имаше договор со Магдебург до 2023 година.
„Филип Кузмановски побара од нас да го ракинеме договорот, а ние не сакавме да му стоиме на патот на неговиот развој како ракометар. Во првата сезона во Бундес-лигата видовме позитивни работи кај него, сакавме да продолжи да се развива кај нас, но на крајот сепак ќе ја почитуваме желбата на ракометарот. Му посакуваме на Кузма многу среќа во новиот клуб“, изјави тренерот на Магдебург, Бенет Вајгерт.
Кузмановски во меѓувреме преговара со тимот на Хановер и се очекува во најскоро време да се официјализира неговиот трансфер во овој германски прволигаш, што ќе се оствари по завршувањето на сезонава.
„Благодарен сум им на луѓето во Магдебург што ми ја исполнија желбата. Клубот ми даде можност да го имам првото искуство во Бундес-лигата. Дефинитивно ќе останеме во контакт, можеби и патиштата повторно ќе ни се спојат во иднина“, истакна македонскиот репрезентативец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА