Кузмановски во Е. Пелистер е завршена работа

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер ќе биде новата дестинација на репрезентативецот Филип Кузмановски, кој нема долго да биде слободен играч откако денеска и официјално ја раскина соработката со бундеслигашот Вецлар.

Македонскиот репрезентативец имаше минимална минутажа во Вецлар, каде не ја добиваше шансата што ја заслужува, па и самиот бараше излез од оваа неочекувана ситуација. Иако имаше опции и од други клубови надвор од Македонија, Кузмановски реши да се врати назад во татковината, и тоа во родната Битола и да стане дел од проектот на Пелистер.

„Зелено-белите“ слабо ја почнаа сезоната, немаат ниту еден триумф во ЛШ, додека во групната фаза од Супер-лигата заостануваат зад Вардар, па јасно е зошто управата реагираше за дополнително да го засили играчкиот кадар.

Камбекот на Кузмановски во Е. Пелистер би требало да биде и одлична вест за нашата репрезентација, ако се знае дека тој ќе има доволно време да влезе во натпреварувачки ритам до ЕП 2024, нешто што реално му недостигаше на последните средби поради премалата минутажа во Вецлар.

Сите детали се договорени и се очекува само официјална потврда од страна на битолскиот суперлигаш, по што репрезентативецот ќе му се стави на располагање на тренерот Ангеловски.

Се вчитува...