Неодамна, откако го заврши договорот со Вардар, поранешниот македонски репрезентативец Филип Талески гостувајќи на подкастот „Вистина или не“ на Канал 77, отворено со директни прозивки зборуваше за неговиот долгогодишен соиграч од репрезентацијата и голем пријател Филип Кузмановски.
Талески и Кузмановски веќе подолг период се со нарушени одности, нешто кое тогаш го потврди и самиот Талески.
„Не разговарам со Филип Кузмановски… Тоа е заради некоја историја. Јас немам никаков проблем со никого и никогаш на никого не сакам лошо да му направам, но некои личности кога ќе направат лошо, само ги пречкртувам и се тргам од нив. Тој мене ми има направено лошо, а за да дознаете која е причината, треба да го прашате него“ – рече тогаш Талески.
Па, сега, на гостувањето на Филип Кузмановски на најновиот спортски подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, неизбежно некако и прашањето кон македонскиот капитен токму за односот со Филип Талески.
„Добро, видете. Јас секогаш ќе бидам благодарен, затоа што моето прво доаѓање тука во Скопје, во Металург, јас бев со него од првиот ден. Нема никогаш да заборавам како ми помогна, како да дојдам од Битола во Скопје, да се наметнам во тој круг на играчи, на приjатели, на другарство. Едноставно, можеби конкуренциjата направи да дојде до ова меѓу нас. Јас немам никакви замерки. Јас нормално сум професионалец, и ќе бидам професионалец до крај“ – одговори Кузмановски, веднаш дополнувајќи:
„Не сакам многу да навлегувам во таквите приказни, не ни сакам да зборувам за никого, ни добро ни лошо. Јас секогаш сум максимално коректен и професионален секогаш кога ќе се сретнеме. Имавме ние претходната година исто натпревар еден против друг, по кој мислам дека максимално коректно се честита победата. И ќе повторам. Јас секогаш ќе бидам благодарен. А, луѓето одлучуваат како сакаат да функционираат до крајот на животот. Јас немам никакви лоши намери кон него. Напротив, го почитувам. Го почитувам како спортист, како еден голем играч. И уште верувам дека тој заслужува да биде тука во репрезентациjата. Тој е еден од најдобрите во генерациjата наша од 1996, и многу убави моменти имаме поминато заедно… Тој е Македонец што го сака спортот, живее за ракометот и му посакувам се најдобро. Немам, искрено, никакво лошо мислење за него и му посакувам се најдобро во кариерата“.
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО НИКОЛА МИТРЕВСКИ И ФИЛИП КУЗМАНОВСКИ МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

