Првиот натпревар од квалификациите во Лигата на Шампиони на ФИБА помина без изненадување откако Волунтари успеа да ја потврди фаворитската улога и со победа од 61-70 над Лестер да се пласира во полуфиналето од турнирот кој се одржува во Скопје.
Отварањето на натпреварот беше во знакот на составот од Лестер кој благодарение на течната игра во нападот поведе со 9-2, меѓутоа како што одминуваа минутите Волунтари фати учинок. Веќе до крајот на првата четвртина целосно се врати во мечот, но не успеа да поведе (20-16). Изедначената игра го отслика крајот на првото полувреме, а благодарение на поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Тодрик Готчер и неговата тројка од половина терен Романците поведоа со минимални 33-34.
Добриот ритам на Волунтари продолжи и на отварањето на второто полувреме, а со добрата игра во одбраната која за осум минути игра дозволи само шест поени Романците успеја да ја превземат иницијативата. Добрата игра во нападот носеше лесни поени па предноста изнесуваше 46-53. Англискиот состав се обиде да се врати во последната четвртина, но успеа да стигне само до „минус“ 4 (61-65). Имаше шанса и за дополнително намалување на негативата, но откако не ја искористи својата шанса следеше казна од Василијаускас кој ја потврди победата.
Текеле Котон со 19 поени и 6 скока беше прво име кај Волунари. Него го следеше Роланд Торок со 14 поени. Конер Вашингтон беше лидер на Лестер со 14 поени и 4 скока, додека 13 поени и 6 скока забележа Мо Вокер.
Волунтари за противник во полуфиналето ќе го има составот на Тофаш. Овој натпревар ќе биде одигран во петок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА