Брага со предност од 2-1 ќе патува на реваншот во Атина откако португалскиот тим прими гол во судиското продолжение од вечерашниот меч со Панатинаикос од баражот за пласман во групната фаза од Лигата на Шампионите. Домашните фудбалери доминираа од самиот почеток на мечот, но двата гола ги постигнаа во второто полувреме, најпрвин стрелаше Руиз во 51. минута за водство од 10, пред на 2-0 да зголеми Џало со гол во 74. минута. Тоа не беше и крај на возбудувањата, Брага во 91. минута промаши зицер за трет погодок, по што казната експресно стигна на спротивната страна, кога Манчини биеше прецизно и ги постави конечнтие 2-1 на овој натпревар.
Возбудлив дуел беше одигран во Норвешка, каде Галатасарај славеше со 2-3 на гостувањето против Молде. Домаќините први поведоа, но Галата израмни со среќниот гол на Оливеира, кога неговиот слободен удар закачи еден од играчите во живиот ѕид, го изненади голманот и заврши во мрежата. Икарди донесе пресврт со нов гол во дресот на Галатаасарај, но Хауген со гол на стартот од вториот дел израмни на 2-2. Икарди покажа зошто е главен играч на Галата со блесок во 93. минута, кога аргентинскиот ас одлично му побегна на својот чувар, а потоа несебично го проигра Фредерик, кој немаше тешка задача да ја смести топката во мрежата.
Најнеинтересно беше во Израел, каде Макаби Хаифа и Јанг Бојс ремизираа 0-0. Двата тима се надмудруваа на средината од теренот, без вистински шанси во шеснаесетниците, по што со право се очекува далеку поинтересен фудбал на реваншот во Берн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

