Огромно беше славјето во грузискиот табор по неверојатниот успех, победата од 2-0 над големата Португалија со која дебитантот на европските првенства успеа да се пласира во осминафиналето.
Квича Кварацкелија беше играчот кој ја најави сензацијата, постигнувајќи го првиот гол на самиот почеток од натпреварот со кој ја отвори вратата кон нокаут-фазата.
„Кога играме за нашата земја, сите сме бескрајно горди. Денеска победивме неверојатен противник, а клучен фактор беше токму храброста, гордоста, нашиот карактер. Единството ја прави оваа репрезентација толку силна, меѓу нас играчите, но и врската со навивачите чија поддршка ни е од огромно значење. Никој не веруваше во нас, но стигнавме во осминафиналето… Ова ми е најубав ден во животот. Го заменив и дресот со Роналдо, ми се исполни таа голема желба. Ова е историски ден за цела Грузија“, изјави Кварацкелија.
Следен предизвик за Грузијците е дуелот со Шпанија, селекција која е единствена со максимален ефект во групната фаза, притоа не примајќи ниту еден гол. Сепак, грузискиот ас јасно стави до знаење дека тој и неговите соиграчи се подготвени за борба со „црвената фурија“
„Ја почитуваме Шпанија, знаеме се за овој противник. Шпанците и Португалците се едни од најдобрите на ова првенство, но ние со оваа победа покажавме дека е возможно да се триумфира, без разлика кој е од другата страна. Едно е сигурно, ќе дадеме се од себе, ќе се бориме за секоја топка“, порача Квичо Кварацкелија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА