Поранешниот холандски фудбалер Квинси Промес е екстрадиран од Дубаи во Холандија, соопшти холандското обвинителство, откако беше осуден за вмешаност во увоз на повеќе од еден тон кокаин.
Во одделен случај, 33-годишниот фудбалер претходно беше осуден на 18 месеци затвор и наредено да плати отштета откако го избоде својот братучед за време на расправија за украден синџир. Жалбите се во тек и за двата случаи.
Портпаролката на обвинителството за АФП ги потврди извештаите на локалните медиуми дека Промес е во процес на транспортирање во Холандија по екстрадицијата.
Тој беше уапсен во Дубаи во март 2024 година, но тогаш беше кажано дека апсењето е поврзано со локален прекршок кој не е поврзан со случаите во Холандија. Според тогаш достапните информации преку јавниот сервис НОС, повикувајќи се на руски медиуми, Промес е уапсен на аеродромот бидејќи побегнал од местото на сообраќајната несреќа.
Промес 50 пати го носеше дресот на холандската репрезентација и постигна седум гола. Беше дел од селекцијата која беше поразена од Чешка во осминафиналето на ЕП 2020 година и оттогаш не е повикан во националниот тим.
Во 2019 година од Севилја се пресели во Ајакс за 15 милиони евра, додека во 2021 година се врати во Спартак Москва, чии бои ги носеше од 2014 до 2018 година, кога беше прогласен за најдобар играч на руската лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

