Лос Анџелес Лејкерс минатата сезона разочараа не успевајќи да обезбедат место во плејофот, но Леброн Џејмс и соиграчите сторија се за тоа да не им се повтори и годинава. „Езерџиите“ ставија печат на учеството во доигрувањето уште на почетокот од март, и тоа со доминантно издание и победа над Милвоки Бакс.
Најдобриот тим од „истокот“ не најде начин да ги запре расположените домашни кошаркари, кои направија серија од 18-0 во третата четвртина, стигнаа до двоцифрена предност и на крајот заслужено славеа со 113-103. Леброн ја доби и пресметката со Адетокумбо, реализирајќи 37 поени, осум скока и седум асистенции, наспроти 32 поени на „грчкиот ѕвер“. „Кралот Џејмс“ имаше одлична помош и од центарот Дејвис, кој го заврши натпреварот со 30 поени.
Индијана по голема битка го совлада Чикаго со 102-108, пред се благодарение на одличниот Сабонис и неговите 24 поени и 12 скокови. Далас рутински ја одработе задачата против Мемфис, триумфирајќи со 121-96, дуел на кој Порзингис реализираше 26, а Дончиќ 21 поен.
Резултати НБА:
Вашингтон – Атланта 118-112, Бруклин – Сан Антонио 139-120, Њујорк – Оклахома 103-126, Бостон – Јута 94-99, Чикаго – Индијана 102-108, Минесота – Орландо 118-132, Њу Орлеанс – Мајами 110-104, Далас – Мемфис 121-96, Феникс – Портланд 127-117, ЛА Лејкерс – Милвоки 113-103.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА