Францускиот репрезентативец Килијан Мбапе веќе е сосема јасно дека од јуни ќе биде нов фудбалер на Реал Мадрид. Тоа го потврди веќе и претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас во интервју за аргентинскиот весник „Оле“.
„Мбапе следната сезона ќе игра за Реал Мадрид. Тој е еден од најдобрите играчи во светот, и јасно е дека Реал Мадрид заедно со Џуд Белингам и Винисиус Жуниор ќе го има најдобриот тим во светот. Но, тоа секако не ја гарантира шампионската титула“ – истакна Тебас.
Како што е познато, Мбапе пред три дена официјално објави дека по завршувањето на првенството ќе го напушти Пари Сен Жермен.
А, говорот за збогум од ПСЖ, пак, го налутил претседателот на францускиот тим Насер Ал Келаифи кој на неколку часа пред неделниот меч против Тулуз, имал тешка расправија со Мбапе.
Ал Келаифи закажал средба со Мбапе на која побарал објаснување зошто не бил истакнат меѓу лицата на кои фудбалерот јавно им се заблагодарил при објавата дека си заминува од ПСЖ, затоа што сметал дека заслужил такво нешто бидејќи во 2022 година го направи најплатен фудбалер во светот со договорот што тогаш му го понуди, а Мбапе го потпиша и се обврза на уште двегодишна верност кон парискиот клуб. Средбата брзо се претворила во жестока кавга меѓу двајцата, а очевидци тврдат дека од нивниот конфлик се вознемириле сите присутни во зградата.
Во секој случај, добро е познато дека Мбапе и Ал Келаифи не комуницираат од февруари кога фудбалерот му кажал на претседателот дека не планира да потпише нов договор и дека ќе си оди на крајот од сезоната. Затоа и ваквиот тип караници не се изненадување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА