Кошмарната сезона на Манчестер Јунајтед продолжи со нова епизода – елиминација во осминафиналето од Лигата на Шампионите по вечерашниот домашен пораз од Атлетико Мадрид од 0-1. Англискиот гигант среќно стигна до реми од 1-1 на првиот меч во Мадрид, но денеска беше предалеку од посакуваното ниво, „ѓаволите“ беа целосно надиграни на средината од теренот, не влегоа во својот препознатлив ритам и заслужено беа елиминирани од елитното европско натпреварување.
Јунајтед ја имаше првата стопроцентна шанса на мечот, кога Еланга по десетина минути игра се најде осамен на работ на петерецот, шутираше кон голот, но го погоди само голманот Облак во главата. Првата шанса на Атлетико беше ударот од далечина на Де Пол, што ДеХеа со крајни напори го исфрли во корнер. Голманот на Јунајтед сепак беше немоќен пред крајот на полувремето, кога по една полуконтра Лоди се најде осамен на вториот дирек, по што левиот бек на Атлетико со прецизен удар со глава ја смести топката во мрежата.
Очекувано, Манчестер Јунајтед се обиде во второто полувреме да се врати во натпреварот, а Рангник тргна на „се или ништо“, уфрлајќи ги во игра Рашфорд, Кавани и Погба. Непрецизниот волеј на Санчо на стартот од вториот дел беше најубавата шанса на домаќините, кои одиграа нервозно и тензично, се мачеа да се префрлат во противничкиот шеснаесетникот и на крајот со наведнати глави го напуштија теренот на „Олд Трафорд“.
Големо изненадување вечерва приредија фудбалерите на Бенфика, кои славеа со 0-1 на гостувањето против Ајакс, елиминирајќи го холандскиот првак за пласман во четвртфиналето од Лигата на Шампионите. Ајакс имаше водства од 0-1 и од 1-2 на првиот меч во Лисабон, Бенфика едвај стигна до реми од 2-2, но Португалците денеска одиграа одличен дефанзивен меч, на крајот триумфирајќи со голот на Дарвин во второто полувреме. Ајакс имаше многу повеќе од поседот во топката, но избраниците на Тен Хаг премногу компликуваа во шеснаесетникот, не успевајќи да ја сместат топката во мрежата на гостите.
За потсетување, пред Атлетико Мадрид и Бенфика пласманот во четвртфиналето од Лигата на Шампионите го осигураа и екипите на Ливерпул, Реал Мадрид, Манчестер Сити и Баерн Минхен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

