Ладен туш за Тотенхем на стартот од новата година

Тотенхем претрпе неочекуван пораз од 0-2 на домашен терен од Астон Вила во премиерниот меч од 2023 година, уште еден доказ дека тимот на Антонио Конте се наоѓа во резултатска криза.

Домашниот терен требаше да биде предност за „спарси“ денеска, но избраниците на Конте се мачеа да создадат стопроцентна шанса во шеснаесетникот на гостите. Единствената ситуација за гол во првото полувреме не ја искористи Хари Кејн, кој шутираше опасно со глава, но топката пред самата гол-линија во корнер ја исфрли искусниот Ешли Јанг.

Казната за слабото издание на Тотенхем стигна во вторите 45 минути. Буендиа е стрелец на првиот премиерлигашки гол во 2023 година, откако офанзивниот играч за врска одлично се снајде по асистенцијата на Воткинс и слабата интервенција на Лорис, сместувајќи ја топката во мрежата на „спарси“. На 0-2 зголеми Даглас Луиз, дополнително шокирајќи го фаворитот на овој натпревар.

Тотенхем се врати од два гола негатива и стигна до реми пред неколку дена против Брентфорд, но овојпат „спарси“ беа далеку од посакуваниот ритам, не успеаја да го претворат поголемиот посед над топката во погодок и на крајот заслужено го загубија овој меч.

Се вчитува...