Македонската „фаланга“ е редовен учесник на сите големи натпреварувања на нашата ракометна селекција, а неизоставен дел од неа секогаш е Климе Стоилов, татко на нашиот репрезентативец Стојанче Стоилов. Заедничката средба во Мец ја искористивме за краток разговор во кој верниот навивач говори за приврзаноста кон репрезентацијата, почетоците на Столе во ракометот, како и очекувањата од овој светски шампионат.
„Важам за голем спортски фан и гледам и останати спортови, но секако дека сум најприсутен на ракометните дуел, пред се поради Столе. Неговото деби на големите натпреварувања не го следев во живо бидејќи беше дополнително повикан на местото на Стојановиќ, па немав доволно време за да ги искомбинирам работните обврски и да отпатувам на СП во Хрватска во 2009 година. Сепак, од ЕП во Србија во 2012, па се до овој мундијал насекаде сум со репрезентацијата. И не само по големите натпреварувања, туку одам и на голем број од гостувањата во квалификациите“ – го почнува разговорот Климе Стоилов.
Како верен ракометен фан, најмногу го болат предолимписките неуспеси, но оптимизмот не изостанува.
„Постојат бројни победи што ги паметам и не можам да издвојам ниту една како омилена. Ако збориме за поразите, дефинитивно најмногу болат оние во Гетеборг и во Гдањск, каде и ракометарите и ние како навивачи отидовме со голем оптимизам, но за жал се вративме без олимписка виза. Сепак, надежта како навивачи не не напушта, верувам во оваа репрезентација дека ќе добие нова шанса за ОИ бидејќи ракометарите се најдобри спортски амбасадори на нашата земја и апсолутно ја заслужуваат поддршката што ја добиваат“ – вели Стоилов.
Стојанче Стоилов ракометната кариера ја почна многу подоцна од останатите членови на оваа репрезентација.
„Тој отсекогаш го сакал спортот, но во тинејџерските денови се одреди за кошарката. Можам да кажам дека беше одличен кошаркар, а во тоа време настапуваше во истата петорка со Војдан и со Дамјан Стојановски, како и со две момчица што сега се заминати за САД. Тој имаше наполнето 17 години кога сегашниот селектор на женската репрезентација, Симе Симовски, како и Крсто Петрушевски од Металург, инаку мои пријатели, почнаа да ме убедуваат да го одведам да игра ракомет. Ми тврдеа дека иако беше квалитет и како кошаркар, поседува извонредни предиспозиции за ракометар. Самиот Столе долго време беше во дилема, му понудија да дојде еден месец, да се обиде и доколку не му се допадне, да се врати на кошарката. Отиде на еден тренинг, сето останато веќе го знаете, по кој спортски пат тргна“ – открива Климе Стоилов.
Столе игра на пивотменската позиција и со самото тоа влегува во најмногу дуели со противници, некогаш јадејќи „ќотек“ пред очите на својот татко.
„Секако дека како родител не е лесно да го гледате тоа, но јас сум премногу години со спортот и секако дека разбирам дека сето тоа е составен дел од играта. Не се вознемирувам доколку не стане збор за некој навистина жесток удар, но можам да кажам дека затоа мајка му е крајно емотивна и реагира при речиси секој старт над него“ – открива таткото на нашиот репрезентативец.
Пласманот во осминафиналето од ова Светско Првенство е обезбеден, но Климе Стоилов е голем оптимист, па верува дека Македонија може да отиде и чекор напред, па за првпат во историјата да се најде меѓу најдобрите осум селекции.
„Јас како навивач премногу ги почитувам и ги сакам сите ракометари, имам огромна доверба во нив. И пред мечот Словенија – Тунис бев убеден дека ќе играме во осминафинале, сега кога тоа е обезбедено верувам дека може да се стигне уште подалеку. Репрезентацијата е подмладена, но ова е селекција во која има и квалитетни и искусни ракометари. Клучот ќе биде во нашата игра, да се даде се од себе, да се одигра најдобро што се знае. Јас верувам во овие момци, а ако тие одиграат како што знаат четвртфиналето не е така далечно како што се чини“ – оптимистички порачува на крајот од овој разговор Климе Стоилов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА