Македонија има скор од две победи и еден пораз по првите три кола во групата Ц од Европското првенство откако нашите одбојкари синоќа претрпеа пораз со 0-3 во сетови од големиот фаворит Полска.
За македонските одбојкари тоа беше можност да излезат на мегдан со најдобрите во овој спорт, и тоа пред полни трибини на СЦ „Борис Трајковски“.
„Престиж е да се игра против ривал како Полска, за мене лично тоа е најдобрата репрезентација во светот. Ние навистина го дадовме максимумот, можеби од страна не изгледаше така, но со вакви ривали играте толку колку што ви дозволуваат. Јас имав смечеви со сета сила, тие знаеја како да ги запрат, тоа доволно говори за нивните квалитети. Ги поздравуваме и им честитаме за играта, затоа се најдобри, за нас беше чест да играме меч на ЕП против еден таков гигант. Лично сме задоволни од играта, уживавме на терен, пак имаше убава атмосфера на трибините. Ова е она за што сонува секој одбојкар, да игра Европско првенство пред своја публика, против најсилни ривали од калиброт на Полска. Поразот беше со конечни 0-3, но мислам дека достојно се претставиме“, вели Александар Љафтов, еден од најдобите во нашиот табор на овој европски шампионат.
Денеска е ден за одмор за македонските одбојкари, по што ќе следат последните две средби од групната фаза, против Холандија и Чешка. Желбата е јасна, да се стигне најмалку до една победа со која би се избегнално четвртото место на табелата кое значи дуел со Италија во четвртфиналето во Бари.
„На ред е Холандија, меч на кој противникот е фаворит, но ние не сме без шанси. Кога можеме со Полска да играме еден сет до 21-21, зошто да не можеме посериозно да им парираме на ривалите. Тие имаат само еден играч од највисока класа, коректорот Азиз, на Полска сите одбојкари им се од таа топ-класа. Имаме еден ден за одмор, добро да се подготвиме и да го анализираме противникот, па бодрени од публиката во една одлична атмосфера како против Црна Гора, зошто да не и да го изненадиме фаворитот бидејќи знаеме да играме одлично кога сме без притисок. Остваривме успех со ова четврто место и пласманот во следната фаза, но зошто да не ги поместиме повторно границите, да стигнеме до второ или трето место“, оптимистички е расположен Љафтов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА