Љафтов: Одиме да се надигруваме, Чешка не е Холандија

Одбојкарската репрезентација на Македонија вечерва ќе се сретне против Чешка во директниот дуел за 3. место во групата во Скопје и одбегнување на актуелниот светски шампион Италија во осминафиналето.

Еден од најискусните во репрезентацијата, Александар Љафтов вели дека и доколку играат без капитенот Никола Ѓоргиев кој поради повреда го пропушти вчерашниот меч против Холандија, вели дека Чешка е противник со кого можат да се надигруваат.

„Вчера одигравме добар натпревар против Холандија и без Ѓоргиев и иако беше пораз, публиката беше повторно наша голема поддршка. Важно е да се одмориме добро и да бидеме добро подготвени за денешниот меч против Чешка. Иако Никола можеби нема да игра и денеска, Чешка не е Холандија така да и со комбиниран тим можеме да стигнеме до победа. Наше е да дадеме максимум па на крајот што биде нека биде“, изјави Љафтов пред денешниот меч. 

Натпреварот меѓу Македонија и Чешка со кој ќе се затвори групната фаза во Скопје ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје со почеток во 20 часот.

Се вчитува...