Љафтов „сребрен“ во МЕВЗА, Ѓоргиев, Николов и Јосифов обезбедија плејоф

Македонскиот репрезентативец Александар Љафтов и неговиот тим, унгарски Елоре го освоија сребрениот медал во Средноевропската МЕВЗА лига, откако во финалето со 3:2 (25:21, 25:20, 21:25, 14:25, 15:11) загубија од хрватскиот претставник Мурса. Во финалето кое траеше 131 минута, Елоре успеја да се врати од 2:0 негатива, но не и да стигне до титулата. Љафтов рализираше шест поени во овој дуел. Интернационалецот и неговиот тим сега се насочуваат кон унгарското првенство каде се на лидерската позиција и еден од главните фаворити за шампионската титула.

Капитенот на машкиот национален тим Никола Ѓоргиев и Карловарско во Чешка регуларниот дел од сезоната го финишираа на првата позиција на табелата, а викендов започнуваат со плеј-оф разигрувањето, каде првите шест екипи во Екстра лигата обезбедуваат директен пласман, а меѓу нив е и Карловарско како лидер. Во последниот дуел од регуларниот дел, Карловарско со 3:0 (25:22, 25:21, 25:22) славеше на гостувањето кај Брно, а Ѓоргиев беше МВП на мечот со 19 поени.

Поранешниот репрезентативен среден блокер, Ристо Николов и неговиот Нефелс откако обезбедија финале во Купот на Швајцарија, сега го потврдија и пласманот во финалето на плејофот во швајцарското првенство. Во полуфиналето тимот на Николов го победи Шеноис со 3:1 (25:23, 25:16, 21:25, 25:22). Средниот блокер го одигра целиот натпревар и реализираше шест поени (четири од напад и два од блок). Искусниот интернационалец во моментов се наоѓа на второто место на листата на најдобри блокери, со 48 успешни блокови сезонава, додека пред него е одбојкарот на Амрисвил, Џоел Хаук со 51 блок. Во куп финалето Нефелс ќе се соочи со Амрисвил, додека во финалето на плејофот го чека победникот од дуелот меѓу Амрисвил и Шоненверт.

Се вчитува...