Лајпциг го продава Елмас во јануари?!

Елиф Елмас пред помалку од една година се пресели од Наполи во Лајпциг во трансфер вреден 24 милиони евра, нешто што требаше да биде значаен чекор напред во кариерата на македонскиот „дијамант“.

Тоа барем засега не е случај, Елиф одигра само 274 минути во вториот дел од ланската сезона, а во новиот шампионат статистиката  е уште попоразителна, зад името на Елмас се запишани само седум минути игра, во финишот од поразот во ЛШ од Атлетико Мадрид од 2-1.

Тренерот Марко Розе дефинитивно не смета сериозно на македонскиот репрезентативец, па германските медиуми го прозиваат и шефот на стручниот штаб за малата минутажа на скапото засилување, но и самиот Елмас.

„Трансфер-промашувањето на Лајпциг: 24 милиони евра – седум минути“, гласи насловот на германска „Ла Ола“.

Според извори од клубот, желба на Елиф е тој да остане во Бундес-лигата и да се бори за првотимски статус и многу поголема минутажа. Сепак, весникот „Билд“ не ја отфрла можноста Елмас во јануарскиот преоден рок да си замине од овој клуб, без разлика дали тоа ќе се случи со перманентен трансфер или со шестмесечна позајмица.

Италијански клубови покажале интерес да го вратат Елмас назад во Серија А во текот на летото, нашиот ас ги одбил овие понуди, но ситуацијата во јануари може да биде поинаква, особено доколку Розе продолжи да го игнорира Елиф во изборот на играчи за првиот тим.

Се вчитува...