Лајпциг славеше со убедливи 4-1 на дербито на колото во Бундес-лигата против Борусија Дортмунд, користејќи го фактот дека гостите тактизираа со составот пред полуфиналето од ЛШ со ПСЖ. „Милионерите“ дури и први поведоа со прекрасниот погодок на Џејдон Санчо, но следеше целосен пресврт уште во првото полувреме со головите на Опенда и Шешко, за во вториот дел Сикаман и Баумгартнер да донесат убедлива победа над големиот ривал, со која Лајпциг ја прескокна Борусија на четвртото место на табелата.
Елиф Елмас повторно не доби шанса, македонскиот репрезентативец стартуваше од клупата, но тренерот Росе реши да не го уфрли во игра ниту во второто полувреме.
Баерн Минхен славеше со 2-1 над Ајнтрахт. Тухел исто така изротира дел од првотимците, но Хари Кејн беше стартер и со два гола му ја донесе победата на баварскиот гигант. Стратегот на Баерн сепак се соочува со нов проблем откако Лајмер се повреди и мораше да биде заменет во првото полувреме.
Многу интересно беше во Фрајбург, каде тимот на Волфсбург во драматичен финиш стигна до три бода тримфирајќи со 1-2. Домаќините имаат за што да жалат ако се знае дека при резултат 1-1 во 87. минута Фрајбург не реализираше пенал преку Салаи. Казната стигна три минути подоцна, кога Лакроа стрелаше прецизно во мрежата на домашниот тим.
Резултати Германија:
Аугсбург – Вердер 0-3, Баерн М. – Ајнтрахт 2-1, Лајпциг – Борусија Д. 4-1, Фрајбург – Волфсбург 1-2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА