Лајпциг конечно влезе во посакуваниот ритам откако тимот на нашиот Елиф Елмас на гостински терен го торпедираше Келн со 1-5 за своја трета победа во низа во Бундес-лигата.
Фаворитската улога беше рутински оправдана откако фудбалерите на Лајпциг доминираа на теренот, на одмор заминувајќи со нерешени 1-1, за во вториот дел експресно да го скршат отпорот на домаќините. Опенда беше херојот со два гола во рок од пет минути за водство од 1-3, пред Хаидара со удар од дваесетина метри да зголеми на 1-4. Конечните 1-5 беа дело на резервистот Поулсен за нови три бода со кои Лајпциг барем за кратко се искачи на четвртото место (со два бода повеќе и меч повеќе во однос на Борусија Дортмунд).
Елиф Елмас беше на клупата за резерви, но македонскиот репрезентативец не влезе во игра ниту во второто полувреме, нешто што само вторпат му се случува по зимскиот трансфер од Наполи во Лајпциг.
Oва беше шести меч во серија без триумф за Келн, по што „овните“ остануваат во опасната зона, моментно на 16. место на табелата со 18 бода, два повеќе од претпоследниот Мајнц и „плус пет“ во однос на фенерџијата Дармштад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА