Лајпциг му прави проблеми на Елиф Елмас

Елиф Елмас едвај чека да си замине од Лајпциг во друг клуб каде ќе добие шанса да ги покаже своите фудбалски квалитети, но трансферот се компликува откако германскиот клуб ги промени условите под кои е подготвен да го пушти македонскиот репрезентативец да си замине.

Наполи и Лацио се италијанските клубови кои покажаа сериозен интерес да го вратат Елмас во Серија А, а „лацијалите“ вчера испратиле и официјална понуда до Лајпциг за позајмица до крајот на сезонава. Одговорот од германскиот клуб бил изненадувачки – Лајпциг не само што одбил, туку ставил до знаење дека нема намера да го пушта Елмас на позајмица, туку зимава ќе инсистира на перманентен трансфер на нашиот ас.

Германците пред една година платија 24 милиони евра за Елиф, зимава се подготвени да претрпат загуба и да го продадат за 15 милиони евра, но делуваат цврсто на ставот Елмас да си замине со целосен трансфер, не со позајмица со која следното лето би се вратил назад во клубот.

Ова сериозно ги замрсува сметките ако се знае дека сите заинтересирани клубови (покрај Наполи и Лацио, тука беа и Борусија Дортмунд, Фенербахче и Галатасарај) најавија понуди за позајмици на македонскиот „дијамант“.

Се вчитува...