Лајпциг официјално го промовираше ЕЛИФ ЕЛМАС: Добивме совршен пакет, извонреден техничар кој сака да постигнува голови! (ФОТО)

Германскиот бундеслигаш Лајпциг и официјално го промовираше македонскиот дијамант Елиф Елмас како свое огромно засилување за продолжението од сезоната 2023/24.

Елмас со еден од најдобрите германски тимови потпиша договор до јуни 2028 година, добивајќи го дресот со бројот 6 на Лајпциг.

Германците по промоцијата не го криеаја задоволството што во своите редови го добиваат 24-годишниот македонски „дијамант“…

„Со потписот на Елиф Елмас успеавме да пополниме важна позиција во нашиот напад по заминувањето на Емил Форсберг. Го следевме Елиф некое време бидејќи тој е навистина фудбалер со извонредни перформанци. Тој е комплетен пакет, совршено прилагоден за тимот како личност а ќе може веднаш да му помогне на тимот со својот квалитет“изјави спортскиот директор на Лајпциг, Рувен Шредер, притоа дополнувајќи:

„Елиф има неверојатна техника. Пргав е, сака да трча и дрибла и може да постигнува голови. Тој може да игра по средината, но е подеднакво ефикасен и на двете крилни позиции. Тој ќе донесе нешто поразлично во нашата игра со своите вештини и физичка подготвеност. Извонредно е што секогаш мисли само на напад. И покрај фактот дека има само 24 години, тој играше во Италија и Турција и има големо меѓународно искуство во дресот на Македонија. А зад себе веќе има и два големи трофеи. Затоа сме многу среќни што го потпишавме. Сега, на нас е да се погрижиме Елиф брзо да се прилагоди на тимот во текот на краткиот зимски одмор“.

Елиф Елмас за трансфер од 25 милиони евра, што е највисок во историјата на македонскиот фудбал, се пресели од Наполи во Лајпциг. Како освојувач на Скудетото со Наполи сега се сели во Германија, со постигнати 19 гола и дополнето со 11 асистенции во вкупно 180 настапи за италијанскиот шампион.

Елмас, кој е незаменлив и во македонската репрезентација со која беше дел од ЕВРО 2020, претходно во кариерата настапуваше и за Работнички и турски Фенербахче.

Се вчитува...