Лајпциг остана без двајца клучни фудбалери

Репрезентативната пауза донесе сериозни проблеми за Лајпциг откако овој бундеслигаш остана без двајца стандардни првотимци, по повредите што Вили Орбан и Дани Олмо ги заработија во настапите за Унгарија, односно Шпанија.

Полошо мина дефанзивецот Орбан, кој мораше да биде повлечен од игра на дуелот меѓу Унгарија и Чешка. Прегледите покажаа дека станува збор за проблем со коленото, па Орбан ќе мора да паузира најмалку два и пол месеци од терените. За ситуацијата да е покомпликувана, дефанзивецот Битшиабу кој летово пристигна од ПСЖ исто така има проблем со коленото, со што сериозно се лимитира изборот на стручниот штаб кога станува збор за срцето на одбраната.

Што се однесува до Олмо, екс-фудбалерот на Динамо Загреб го повреди мускулот при настапот за Шпанија и ќе отсуствува најмалку три седмици од терените.

Лајпциг освои шест бода по првите три кола од Бундес-лигата, а в сабота овој тим ќе ја има фаворитската улога на домашниот натпревар против Аугсбург.

Се вчитува...