Ливерпул успешно ги финализираше преговорите со Адам Лалана, па англискиот репрезентативец денеска и официјално го стави својот потпис на новиот четиригодишен договор со клубот од „Енфилд роуд“. Лалана заедно со Мане важи за еден од најдобрите фудбалери на Ливерпул сезонава, па неслучајно во последните два месеци сериозен интерес за овој играч искажа и ПСЖ, нудејќи му фантастични услови за преселба на „Паркот на принцовите“.
Ливерпул реагираше и испрати одлична понуда до Лалана, кој во следните четири сезони ќе заработува по 150.000 фунти неделно, со што ќе биде еден од најдобро платените фудбалери во својот клуб.
„За амбициозен играч кој сака да настапува на највисоко ниво и да биде дел од квалитетен проект, Ливерпул е најдоброто место каде може да биде. Затоа, не размислував премногу кога ја добив понудата бидејќи отсекогаш велев дека сакам да останам во Ливерпул“ – изјави Лалана.
Задоволството од постигнатиот договор не го криеше ниту Јирген Клоп, кој успеа да го извлече најдоброто од овој фудбалер, откако Лалана се мачеше по трансферот од Саутемптон под водство на Брендан Роџерс.
„Адам е фудбалер со големи фудбалски квалитети, но што е уште поважно, тој има неверојатен пристап на тренинзите и натпреварите, секогаш настојува да напредува. Најдоброто од се е што неговите најдобри фудбалски години се пред него, па не се сомневам дека Лалана ќе биде уште подобар во сезоните што следат“ – истакна Клоп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА