Србија го загуби мечот против Португалија (2-0) во првото коло од Европското првенство во Полска, па против Македонија ќе игра на се или ништо, посакувајќи да стигне до триумф, со кој ќе ги задржи шансите за пласман во полуфиналето. Селекторот Ненад Лалатовиќ почна со ’специјална војна’ и ги подготвува неговите фудбалери на специфичен начин. Тој вели дека сите екипи од поранешна СФРЈ играле против Србија како против ’големи непријатели’.
„На утрешниот меч мора да влеземе максимално сериозно, а на момците им реков дека сите екипи од поранешна СФРЈ кога играат против Србија, како да играат против големи непријатели. И ние така мораме да влеземе во мечот, со голем мотив, и на крајот да победиме“, вели Ненад Лалатовиќ.
Српскиот селектор знае дека Македонија е квалитетна селекција. Анализираше дел од добрите страни на нашиот национален тим.
„Имаат квалитет. Имаат два добри бека, имаат двајца квалитетни играчи во средниот ред, многу се брзи, одлични по крилните позиции, знаат да многу бидат непријатни од противнапади. Мораме да внимаваме и да го дадеме најдоброто од себе за да победиме. Ова е најважниот меч за нас на првенството“, истакна Лалатовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА