МЗТ Скопје во изминатото коло на домашен терен забележа убедлива победа над Задар (92-65). Победата сигурно ќе влијае позитивно на самодовербата на „металците“ во пресрет на македонското дерби во АБА лигата кое е на распоредот овој петок.
„Оваа победа и тоа како добро ни дојде за да ја подигнеме самодовербата, иако сме свесни дека секоја следна средба за нас ќе биде решавачка. Во битка за опстанок сме и на секој од претстојните мечеви треба да му пристапиме како да е последен. Атмосферата е подобра, но свесни сме дека веќе во петок не очекува тежок натпревар против Карпош Соколи со кој ја продолжуваме оваа борба за опстанок во АБА-лигата. Мислам дека средбата беше нешто посебна за нашиот тренер, со оглед на тоа што тој изминатите пет години беше во Задар. Јас во овој град бев пред многу време, чинам има веќе десет години и веќе имам одиграно многу средби против овој тим така да јас лично немав некои посебно големи тензии пред оваа пресметка“ – вели Јуре Лалиќ во интервју за официјалниот сајт на регионалната лига.
Со само пет победи од 18 вкупно натпревари, клубот од Аеродром се наоѓа на последното место на табелата во Јадранското натпреварување со ист учинок како Мега лекс и Крка.
„Ситуацијата околу опстанокот во лигата максимално се закомплицира и очекувам голема борба за секоја победа до крајот на сезоната, особено во пресметките помеѓу екипите кои се во опасната зона. Имаме осум натпревари до крајот и ќе одиме чекор по чекор бидејќи неочекувано се најдовме во една ваква ситуација, која никако не ја очекувавме пред стартот на сезоната. Сега ќе мора да ја искористиме секоја шанса за да го поправиме впечатокот. Мислам дека ќе биде клучно искуството, како и здравствениот билтен на екипите. Ако до крај одиграме во полн состав тогаш шансите да го избегнеме тоа последно место не само што се големи туку се и сосема реални“ – вели Лалиќ.
Кошаркарите на македонскиот шампион в петок ќе му гостуваат на Карпош соколи кои имаат една победа повеќе и се, барем засега, надвор од ’опасната зона’.
„Факт е дека е ова исклучително важна средба за нас, но мислам дека е и подеднакво важна како и сите следни кои не очекуваат. Карпош Соколи на почетокот од сезоната не играше нешто посебно, но како одминуваше времето и со промената на тренерот почна добро да игра, особено на домашен терен каде што се во низа од шест победи. Не чека тежок дуел, противникот има навистина добри играчи, но пред нас се уште неколку дена во кои ќе се подготвиме добри и навистина верувам во позитивен исход. Нашата шанса за победа е во кревањето на интензитетот во одбраната, бидејќи во нападот и немаме поголеми проблеми со оглед на тоа што постигнуваме 80-90 поени речиси во секој натпревар. Единствен начин да го добиме овој противник е добро одбрамбено да ги затвориме, што нема да биде лесно бидејќи тие имаат многу играчи кои можат да погодат од далечина, особено меѓу високите центри. Знам дека нема да биде лесно, но ќе дадеме се од себе“ – заврши Лалиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА